15 седница на Совет на Општина Гевгелија: Реализирани половина од планираните буџетски приходи
Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата 15 седница,
на која го усвои Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија во периодот јануари-јуни, 2022 година. Во првото полугодие се реализирани приходи во висина од 229.075.376 денари, додека реализираните расходи учествуваат со средства во износ од 212.785.373 денари. Од планираните 212.802.359 денари приходи во Основниот буџет на Општина Гевгелија, во првото полугодие биле реализирани 48,94%. Додека, расходите изнесуваат 96.530.763 или 45,36%. Исто така, Советот ги усвои и Измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година, со кои Буџетот на Општина Гевгелија се зголемува за 4,3% согласно зголемените блок-дотации од страна на Министерството за финансии и зголемената дотација на ДДВ на Основниот буџет.
При расправата за точките поврзани со Буџетот на Општина Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, најави дека во наредниот период ќе се реализираат три капитални проекти. Имено, тој ги информираше членовите на Советот дека вчера потпишал договор со Бирото за регионален развој за проектите со кои Општина Гевгелија аплицираше на годинашниот Јавен повик за финансирање проекти за развoј на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој, развој на подрачјата со специфични развојни потреби и развој на селата. Станува збор за реконструкцијата на Младинскиот дом „Мите Танов Коми“ во Богородица, поставување урбана опрема за детски игралишта во Негорци, Прдејци и Богородица и поставување урбана опрема за рециклирање отпад во Гевгелија. За кои, Советот на Општина Гевгелија, на својата 8 седница, донесе Одлуки за издвојување средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, со што Општина Гевгелија ги прифати предусловите за кофинансирање. Имено, од петте поднесени проекти, Општина Гевгелија ќе добие финансиски средства за реализација на три проекти.
Согласно измените и дополнувањата на Буџетот, на 15 седница уследија и носењето на Буџетскиот календар на Општина Гевгелија за 2022 година, Измените и дополнувањата на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година и Програмата за уредување на градежното земјиште во општина Гевгелија за 2022 година. Како и измените и дополнувањата на Финансиските планови на основните училишта, СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и културните институции во општина Гевгелија.
Советот даде согласност на Измените и дополнувањата на Ценовникот за услуги на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија. Од областа на урбанизмот, беше прифатена Иницијативата на ТД „НАВИКО ШИПИНГ“ ДОО Скопје за изработка на УП со план за парцелација на неколку градежни парцели во две градежни парцели, како дел од ДУП за стопанска зона „Блокотехна“- Негорци. По што, беше усвоена и Одлуката за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Гевгелија за 2022 година. Со верификацијата на мандатот на Тијана Ристовска, Памела Петровска, Кристијан Алчинов, Атанас Епов и Геогре Петров, Советот на Општина Гевгелија го потврди нивното членство во Локалниот младински совет на Општина Гевгелија.
Исто така, беа усвоени и Годишните извештаи за работа на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија за 2021/2022 година, а зелено светло Советот даде и на Годишните програми за работа на двете институции во 2022/2023 година година, како и на Одлуката за зголемување на бројот на деца во групите на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија во 2022/2023 година. Притоа, беше разрешен стар и назначен и нов член во Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија.
На оваа седница, членовите на Советот на Општина Гевгелија беа информирани за состојбата со архитектонските бариери за лица со посебни потреби. Од страна на Советот, беше прифатена иницијативата на Левица за изработка на Физибилити студија со цел основање Јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија.