Препораки за нормално функционирање на лицата со посебни потреби
На 15 седница на Советот на Општина Гевгелија, од страна на
ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија уследи иформација за состојбата со архитектонските бариери, со кои се соочуваат лицата со посебни потреби од Општина Гевгелија. Во рамки на информацијата, беа пренесени и неколку препораки до локалната самоуправа за подобрување на состојбата со архитектонските бариери и нормалното функционирање на лицата со посебни потреби.
Имено, и покрај веќе изградените пристапни рампи во повеќето јавни институции за лицата со инвалидитет, беше спомената потребата од задолжување- банките, супермаркетите, верските објекти, како и инвеститорите во зградите за колективно домување да предвидат финансиски средства за изградба на пристапни рампи и лифтови. Исто така, се нагласи и потребата од означување на повеќе паркинг-простор за инвалиди, но и поголема контрола од страна на ОВР- Гевгелија за санкционирање на несовесните учесници во сообраќајот, кои го злоупотребуваат означеното место за паркирање.
За лицата со оштетен слух и говор, Општина Гевгелија да ја разледа можноста за ангажирање толкувач на знаковен јазик, како би им се олеснила комуникацијата на овие лица во извршување на секојдневните активности. Додека, за слабовидните и слепи лица да се изградат тактилни патеки, барем до Општата болница, но да не се исклучи и можноста за ваквиот пристап до објектите кои почесто ги користат. Во делот на патната инфраструктура и учеството во сообраќајот, беше изнесена потребата од спуштетни рабници при изградбата на тротоарите на улиците, звучна сигнализација на поголемите сообраќајници.
Пред одржувањето на 15 седница и уследувањето на ваквата информација, претставник од општинската администрација оствари работна средба со Здружението за телесен инвалидитет „Мобилност“- Гевгелија, на која беа нотирани барањата од членовите, наведени и во Информацијата од ЈУМЦСР- Гевгелија. Со надополнување дека имаат потреба и од возило за транспорт и што побргу воведување на услугата личен асистент за помош и нега во домот за лицата со телесен инвалидитет над 65 лица.