Утврдени приоритетните области за изработка на предлог-проекти во рамки на ReLOaD2
Во рамките на проектот ReLOaD 2, кој се спроведува
преку Програмата за локална демократија на УНДП, а во соработка со Општина Гевгелија, денеска, во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија беше одржана дебата со граѓанските организации. Имено, целта на дебатата, на која учествуваа претставници од УНДП, општинската администрација и претставници на граѓанските организации од општина Гевгелија, беше утврдување на приоритетните области во изработката на предлог-проекти, со кои граѓанските организации од општина Гевгелија ќе аплицираат за финансиска поддршка на Вториот јавен повик на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2.
Како што е веќе познато, Општина Гевгелија е една од 8 општини вклучена во имплементацијата на проектот, кој има за цел да ги зајакнува капацитетите на општините и на граѓанските организации, да воспостават долготрајни партнерства, придонесуваат за квалитет во давањето услуги и утврдување приоритети од значење на граѓаните. Годинава, по завршувањето на Првиот јавен повик во рамките на овој проект, беа поддржани три проекти за реализација на Здруженијата „Од станица до граница“ и „Рубикон“ со проектот: „Врснички форум театар против насилство во училиштата“, Здружение Авто мото друштво „Дичо Панов“- Гевгелија со проектот: „Гевгелија- Вело град“ и Спа и велнес асоцијација на Македонија со проектот: „Сите за спорт“. Финансирањето на проектите е со средства од Буџетот на УНДП и 20% кофинансирање oд Општина Гевгелија.