Предаден во употреба реновираниот и опремен Младински дом во Прдејци
Прдејци, на денот на христијанскиот празник- Св. Петка
и панаѓурот, доби нов и опремен Младински дом. Синоќа, граѓаните од ова населено место, придружени и од голем број гости, присуствуваа на свеченото предавање на објектот од страна на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Настанот беше збогатен со културна програма кои ја отворија најмалите жители на Прдејци- дечињата од Детската градинка „Развигорче“, а настапија и „Распеани гевгеличани“, бендот „Панта Реи“ и Културно-уметничките друштва „Браќа Толеви“- Прдејци и „Негорци“.
Градоначaлникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање истакна:
- Прдејци доби модерно здание и современо опремен Младински дом за одржување на јавни, младински и културни настани. Објектот се протега на површина од 580 м² и располага со голема сала и придружни простории. Беше извршена реконструкција на стариот објект со пренамена на средствата од ТАВ, во вредност од 12.000.000 денари. Од Буџетот на Општина Гевгелија, обезбедивме дополнителни средства во висина од 6.994.800 денари за внатрешно уредување, опремување на објектот и уредување на дворната површина. Очекувам Младинскиот дом да ги отвори вратите за жителите и гостите, како место за одржување голем број настани.
Притоа, Сарамандов потсети дека Прдејци во 2009 година доби клучка за полесно поврзување со автопатот, во 2013 година беше изградена нова канализација, во 2022 година доби Младински дом, а во тек е изградбата на цевководот за приклучување на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија.
- Во општина Гевгелија, успешно работат и го афирмираат македонскиот фолклор во земјата и странство 4 културно-уметнички друштва, меѓу кои и КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци. На сите им посакувам да создаваат успешни приказни за идните генерации, а наша обврска е да им обезбедиме услови за негување на богатата фолклорна традиција, истакна градоначалникот Андон Сарамандов, најавувајќи дека по Домот во Прдејци, наредната година ќе бидат реконструирани и Младинските домови во Богородица и Моин.
Пред свеченото предавање во употреба, објектот беше осветен од страна на отец Марјан Радински.