Одржана 16 седница на Советот на Општина Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија, денеска, ја одржа
својата 16 седница. На седницата, со мнозинството гласови беше донесена Одлуката за склучување Договор за долгорочен кредит помеѓу Општина Гевгелија и Комерцијална банка АД Скопје за реализација на капитален инвестиционен проект. Станува збор за долгорочно задолжување на Општина Гевгелија во износ од 39.803.000 денари, со намена за проектот „Изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа на улица „Св. Климент Охридски“ во Гевгелија. Покрај ова, на седницата беа донесени и неколку Одлуки од областа на урбанизмот- за утврдување на Нацрт-Детален урбанистички план за Урбан блок 15.11, општина Гевгелија и за прекинување на постапката за донесување на УП вон населено место за индустриска зона „Билото“ КО Прдејци, како и прифатени неколку иницијативи од баратели за изработка на Урбанистички планови и за утврдување на правен статус на бесправно- изградени објекти.
На денешната седница, Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука за доделување стипендии на талентирани студенти од општина Гевгелија, запишани во прва година на Медицинските факултети, во академската 2022/2023 година, како и Одлука за доделување стипендии на талентирани студенти од Општина Гевгелија, запишани во прва година на Машинските и Електротехничките факултети, во академската 2022/2023 година. Исто така, Советот донесе Одлуки за разрешување стар и именување нов член во Општинскиот совет за превенција на детско престапништво и разрешување член во Управниот одбор на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија. Предмет на расправа беше и Годишниот план за вработување за 2023 година на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.