Одбележана 50-годишнината од творештвото на Тоциновски
Во рамките на програмата за чествување на 7 Ноември, вчера,
во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, беше одбележана 50-годишнината од почетокот на творештвото на Васил Тоциновски. Во една пријатна и топла атмосфера, настанот, збогатен со звуците од гитарата на Теда (Теодора Гошева Капсарова), беше отворен од страна на директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија, Стефан Марковски, кој се сетил на јубилејот на Тоциновски од издавањето на неговата прва поетска книга„ Тајна во сонот“, во 1972 година, а да биде одбележан токму во Гевгелија, бидејќи Васил потекнува од Богданскиот Регион (с. Стојаково).
Осврнувајќи се на поетското творештво на проф. д-р Тоциновски, Марковски истакна:
- Неговото поетско творештво изобилува со емоции кои продираат до најдлабоките битисувачки сфери разоткривајќи светови од искреност, отвореност, сон, мудрост, рефлексија врз минатото и потрага по трајни вредности кои го устоличуваат животот како дел од сеопштото космичкото постоење, кое му дава смисла и го прави вреден за живеење.
Во дијалогот помеѓу Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски, професор на Институтот за македонска литература и промотор во рамки на настанот, Ковилоски со поставените прашања го наврати Тоциновски во неговото детство, факултетските денови, неговата прва издадена книга, научно-истражувачката дејност и неговото работење како главен и одговорен уредник на најстарото македонско, книжевно списание за литература, култура и уметност „Современост“.
Присутните гости - љубителите на убавиот пишан збор уживаа во медовината од секој изустен збор на Тоциновски, кој со многу љубов и почит зборуваше за своите професори, колеги, негови помлади наследници, вклучувајќи ги Марковски и Ковилоски, верни читатели и неговото семејство.