По свечената седница на Совет, настап на НОБ со „Болеро“ и „Оперски концерт“
Утре (4 ноември, 2022 година), по повод одбележувањето
на 7 Ноември, а во рамки на празничната програма и во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ќе гостуваат Оперскиот и Балетски ансамбл при Националната опера и балет со „Болеро“ и „Оперски концерт“. Концертот на НОБ ќе се одржи во Големата сала на Народниот театар, по завршувањето на 17 свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, во 20:00 часот. Гевгеличани, во првиот дел, ќе имаат можност да ја проследат балетската изведба на „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, за која со своја мисла ќе истакне:
- Taнцот е прослава на движењето и движењето е одговор на музиката, магнетни сили кои обединуваат групи, а силите на ритамот го носат телото низ просторот. Имајќи ја оваа идеја, ги гледам играчите како музички ноти кои патуваат низ времето и просторот. Музиката е основата, а телото е инструментот. Како што сликарот ја користи четката на платно, скулптурот своите раце или писателот, исполнувајќи ја секоја празна страница со зборови. Танцот е форма за комуникација, збир на моменти и искуства преку кое креативно и емотивно се изразуваме, еден вид молитва која ја издигнува душата до нејзино целосно исцелување.
Во вториот дел, публиката ќе ужива во Гала-концерот на четирите солисти од Оперскиот ансамбл, во придружба на пијано: Aна Ројдева, Злата Тошеска, Александра Лазаревска- Василевски и Павлина Новакова- Георгиева. На програмата се застапени оперски дела од: Боито, Глук, Пучини, Верди, Маскањи, Белини, Гуно, Делибес, Доницети и Штраус.