Награди, Дипломи и Благодарници за учесниците на Конкурсот за есеј „Женските права во 21 в.“
Во ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, денеска,
беше одржано Литературно читање на тема: „Женските права во 21 век“, во организација на Општина Гевгелија, а во соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на Општина Гевгелија и ЈОУ Градска библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија.
На настанот, кој го отворија директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, Стефан Марковски и претседателката на КЕМ, Елизабета Сивова, им беа врачени Решенијата за парични награди, Дипломите и симболичните подароци на трите авторки и нивните ментори, чии есеи, од вкупно пристигнатите единаесет на Конкурсот за есеј на тема:„Женските права во 21 век“, беа оценети како најдобри со одлука на стручната тричлена комисија, во состав на професорките по македонски јазик и литература- Елизабета Инадеска Ефремова, Светлана Стојковиќ и м-р по психолошки науки, Мери Олумчева. И тоа на: Александра Василева од III-1 за освоена Прва награда и Ирина Прошева од III-3 за освоeна Трета награда, под менторство на професорката Жаклина Атанасова и Сара Стамкова од II-9 за освоена Трета награда, под менторство на професорката Даниела Џишева, кои ги прочитаа своите трудови пред присутните членови на Советот на Општина Гевгелија, претставници на општинската администрација, на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, невладиниот сектор, како и пратеници во Собранието на Република Македонија.
Исто така, и на останатите ученици и ментори им беа доделени Благодарници и симболични подароци за учеството на Конкурсот, кој заедно со Литературното читање се реализираа како една од активностите во Програмата на Општина Гевгелија во областа на жените и мажите за 2022 година.