15 дела застапени на Годишната изложба на ДЛУГ
Вчера, во Клуб-галеријата на Народниот театар- Гевгелија,
беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, на која беа застапени 15 дела. И, тоа на: Боро Петров, Перо Кованцалиев, Александар Јанев, Анамарија Мириќеска Кал’чева, Адриана Манчева, Атанас Крстев, Вангел Срнаков, Гордана Петрова, Драги Хаџи-Николов, Иван Кал’чев, Јордан Јанев, Катерина Чугунска, Мирјана Крстева Массетти, Михаил Петров, Никола Бутров, Сотир Хаџи-Никола и Фиљо Танов.
Изложбата за отворена ја прогласија директорката на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, м-р по уметности Мирјана Крстева Массетти и Александар Јанев, м-р по уметности и претседател на ДЛУГ. Јанев потенцираше дека Гевгелија има сериозна ликовна сцена на државно и меѓународно ниво што се потврдува преку Годишната изложба на ДЛУГ, која како настан секоја година влегува во рамките на активностите за обележување на 7 Ноември.
- На изложбата, можат да се видат 15 дела во слободно изразување на ликовните уметници, а изработени во различни сликарски техники, графика, скулптура и уметничка фотографија. Упатувам голема благодарност до директорката Мирјана Крстева Массетти за отстапениот простор, која му даде ново руво како галерски клуб во Народниот театар- Гевгелија, каде понатаму ќе се одржуваат и часовите од Ликовната секција при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, истакна Јанев.