
Од германскиот грант инфраструктурно ќе се уредуваат станбените населби Караорман, Мрзенски Рид и Касарна

Советот на општина Гевгелија ги утврди трите приоритетни проекти,
од вкупно шест, кои треба да бидат финансирани од германскиот грант преку KFW банка. Како што е познато, на општина Гевгелија и се доделени 2,5 милиони евра грант по реализацијата на втората фаза од Програмата за водовод и канализација финансирана од Германската влада. Со доделениот грант ќе биде изградена комплетна инфраструктура, односно водовод и фекална и атмосферска канализација на улицата „Александар Бел“ во станбената населба Мрзенски рид кај Гевгелија, потоа, на улиците „Галилео Галилеј“, „Апостол Петков“ и „Павел Шатев“ во станбената населба Караорман, а целосната инфраструктура ќе биде изградена и на улиците во новата станбена населба Касарна.
Покрај овие три проекти, од германскиот грант, исто така, треба да бидат изградени водоводни линии од Мрзенци до Негорци и од Негорци до Прдејци, со што ќе се обезбеди поврзување на овие две населени места и ТИРЗ „Прдејци“ со регионалниот водовод во Гевгелија. Покрај ова, општина Гевгелија предвидува со средствата од германскиот грант да биде санирана водоводната линија од Гевгелија до граничниот премин Богородица и истоименото населено место, која е целосно застарена. Овие три проекти се предвидени во приоритетната листа на Физибилити студијата за инфраструктурни проекти до 2030 година.