Намалена цената за прочистување на отпадните води
Советот на општина Гевгелија на вчерашната седница донесе одлука
за намалување на цената за прочистување на отпадни води. Цената за прочистување на отпадните води е намалена од 10,44 на 8,50 денари за физички лица. До намалување на цената дојде по корекциите и новите пресметки за прометот на јавното комунално претпријатие од страна на Регулаторната комисија.
Старата цена за прочистување на отпадните води важеше од летото 2018 година, поточно, откако Советот на општина Гевгелија, на својата 15.седница, даде согласност на Предлог-одлуката на УО на ЈПКД„Комуналец“ за намалување на цената на услугата за прочистување на отпадните води. Имено, од 1 август минатата година цената за прочистување на отпадни води наместо 13,37 денари, изнесуваше 10,44 денари за метар кубен за домаќинствата. Додека пак цената на услугата за прочистување на отпадни води за правните субјекти тогаш беше намалена од 27,23 на 24,30 денари за метар кубен.
По направениот пресек на параметрите од страна на менаџментот на јавното комунално претпријатие пред крајот на минатата година, како и добиеното мислење од страна на Регулаторната комисија, цената за прочистување на отпадните води повторно е намалена, овој пат за 1,94 денар. Што се однесува до цената за прочистување на отпадните води за правни лица, останува иста – 24,30 денари.