Одбележан Патрониот празник на ООУ „Климент Охридски“- Миравци
ООУ „Климент Охридски“- Миравци го одбележа својот
Патронен празник со културно-уметничка програма, која беше проследена од градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Пред многубројната публика, учениците од I до IX одделение, подготвени од своите наставници, во чест на Св. Климент пееја, глумеа, рецитираа и се претставија со танцови кореографии.
Пред присутните, се обрати директорката на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Каролина Димитрова, која во својата честитка по повод Патронот на Училиштето истакна:
- Почитувани гости, родители, вработени, ученици, соработници!
Задоволство и чест ми е да Ви се обратам и да Ве поздравам на овој значаен ден кој е празник за нашето училиште. Св. Климент Охридски со неговите дела моќно нè просветли нас, луѓето. Името и неговото дело ја сведочат денешната азбука, писмо, учење, просветлување. Моќна е и пораката на нашето училиште. Моќна е затоа што го носи светлото име на најзначајниот лик за писменост, Св. Климент Охридски. Нека е среќен, вечен и честит Денот на Св. Климент Охридски!
Притоа, пред вечерната програма, беа организирани и спортски активности- штафетни и футсал игри, во кои учествуваа учениците од ООУ „Климент Охридски“- Миравци и Подрачното училиште во Калково при ООУ „Страшо Пинџур“- Јосифово.