Од Општина Гевгелија врачени вредносен ваучер и подароци за првото родено бебе во новата 2023 година
Првото новородено бебе во Гевгелија е машко.
Имено, на 1 јануари, 2023 година, во 13:20 часот, на Одделот за гинекологија и акушерство во ЈУ Општа болница со проширена дејност во Гевгелија се роди првото дете на семејството Делеви од населеното место Моин. Среќната мајка Виолета на свет го донесе Антонио, здраво, машко дете, тешко 3 килограми и 100 грама и долго 50 цм.
По тој повод, на прворотката, Општина Гевгелија и врачи ваучер од 20.000 денари и пригодни подароци за првото новороденче во 2023 година. Подароците од Општина Гевгелија на мајката и ги додели претседателот на Советот на Општина Гевгелија, д-р Патрик Матх. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, упати честитки до брачниот пар Делеви за новиот член во семејството, посакувајќи им многу здравје, бериќет и љубов, а детето да порасне во мир и хармонија. Исто така, градоначалникот Сарамандов упати благодарност и до лекарскиот тим и медицинскиот персонал кои го извршија породувањето.
Минатата година, првото родено бебе, исто така, беше машко, прво дете на брачниот пар Спасови од населеното место Давидово.
Покрај традиционалната парична награда за првото родено дете во новата година, Општина Гевгелија, во рамките на Програмата за социјална заштита, доделува и еднократна парична помош за сите новороденчиња, жители на општина Гевгелија. Според евиденцијата и поднесените барања, во 2022 година, Општина Гевгелија исплатила еднократна парична помош за 162 новороденчиња. Од нив, 76 се машки, додека 86 девојчиња.