За модернизација на стручното образование во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, одобрен грант во висина од 507.000 евра
Проектот на СОУ „Јосиф Јосифовски“,
„Иновативен тренинг HUB - вештини на иднината“, е одобрен за финансирање од Вториот повик на RCF (Regional Challenge Fund) - Рeгионалниот фонд за предизвици. За целосно уредување на Иновативниот центар и бројните активности за оспособување на стручните кадри во овој средноучилишен центар се доделени 507.000 евра. СОУ „Јосиф Јосифовски“ е едно од четирите средни училишта и два факултета на национално ниво што успеа да добијат грант од вкупно 123 апликации од 6 држави од Западен Балкан на Повикот на RCF, чија цел е да ја зајакне релевантноста на пазарот на трудот на стручното образование и обука преку фондови.
Грантот ќе биде искористен за модерен, еколошки, енергетско одржлив тренинг центар-HUB. Предвидена е доградба и адаптација на пристапна и соодветно опремена работилница за пракса на автомеханичари и машински техничари за моторни возила. Но, и опрема на канцеларии за пракса на ученици од економската струка, инсталација на фотоволтаични панели за потребите на тренинг-центарот, автомобилска тренинг-опрема за практична настава, набавка на електрично едукативно тренинг-возило, дигалка за возила, балансери, авто тренинг-табли, компјутерски контролен систем за електрично возило, тренинг-опрема за хибридни батерии, дијагностика, осцилоскопи, анализа на издувни гасови, компјутери, принтери, мебел, тренинг-софтери и инсталација на HASSP систем. Исто така, предвидена е и опрема за пракса во кујна и ресторан за ученици од угостителско-туристичката струка, обуки за наставници, ученици и ментори од партнер-компаниите во проектот.
- Со овој проект ќе се овозможи значително подобрување на реализацијата на наставните програми во стручното образование во СОУ „Јосиф Јосифовски“, квалитетот на наставата, стекнување на специфични вештини кои учениците би ги добиле благодарение на тренинг-центарот, современата опрема и програма, а со тоа и подготвување на квалитетен кадар според потребите на гевгелиските компании, истакнаа апликантите, изразувајќи благодарност до сите компании - партнери во проектот за целокупната поддршка за време за поднесувањето на проектната апликација и можноста учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ да добијат дополнителна пракса преку нова тренинг-програма, како и поддршката од Општина Гевгелија.Честитки за добиениот грант до директорката на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Марија Танева и благодарност до координаторите на проектот- Снежана Сарамандова, Александар Делиџаков, професорите од трите струки, ФЛОРИТ- Гевгелија и сите останати кои беа вклучени во осмислување и изготвување на проектната апликација, упати и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.