Зголемени мерки за социјално-ранливите категории граѓани
Општина Гевгелија за потребите на социјално-ранливите категории
граѓани, годинава, издвои 4.000.000 денари општински средства. Програмата за социјална заштита, која Советот на Општина Гевгелија ја усвои на последната седница во 2022 година, предвидува мерки и услуги според потребите на корисниците, како: еднократна парична помош за новородено дете, еднократна парична помош за социјално-загрозени лица, субвенционирање на потрошувачката на вода за пиење на лица- корисници на ГМП и социјална пензија, обезбедување превоз на лица попреченост- штитеници на Дневниот центар во Гевгелија, доделување стипендии на ученици, бесплатен логопедски третман на децата со проблеми во вербалната комуникација и доделување стипендии на ученици.
Покрај постојните мерки, Општина Гевгелија од оваа година ќе обезбеди бесплатна храна во училиштата за децата чии родители се корисници на ГМП. Исто така, ќе набави 3 автоматизирани колички на лица со попреченост во соработка со Здружението „Мобилност“, а ќе ги субвенционира и режиските трошоци на Заедницата на инвалидска организација во општина Гевгелија. Општина Гевгелија, заедно со Општина Богданци и ОО Црвен крст Гевгелија, годинава, ќе го имплементираат Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Имено, на подрачјето на општините Гевгелија и Богданци, за лицата со попреченост ќе се воспостави услугата лична асистенција, а ќе се реализира со добиениот грант во висина од 7.131.336 денари и кофинансирање на двете општини во висина од 277.912 денари.