Наскоро, Гевгелија ќе добие уште едно сообраќајно решение за поврзување со автопатот Е-75
Во тек се подготовките за изградба на новопланираната улица
од хотел „Сенатор“ до автопатот Е-75, со што по реализацијата на овој капитален проект, Гевгелија ќе добие уште еден приклучок до автопатот, поврзувајќи ги улиците „Вардарски Рид“ крај мотел „Вардар“ со веќе изградената улица крај „Милци“ и автопатот Е-75. Со проектот се предвидува изведба на долен строј, целосно асфалтирање и изградба на нов кружен тек на делницата со автопатот и улицата крај „Милци“.
Како што најави градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, на последната седница во 2022 година при носењето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, изградбата на оваа улица ќе биде со сопствени средства. Според него, овој капитален проект има значајна улога во целокупниот развој на градот, покрај новото сообраќајно решение, ќе придонесе и за развој на стопанските субјекти во Гевгелија.