Комуналната инспекција минатата година извршила 74 контроли
Комуналната инспекција во општина Гевгелија минатата година извршила
74 контроли за што се изготвени записници и преземени соодветни мерки согласно законот. Врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, заради отстранување на дефект, или приклучување на водоводна и канализациона линија изготвени се 13 записници за што се донесени 4 решенија и 7 заклучоци за запирање на постапката. Поднесена е една жалба на решение која е прифатена и донесено ново решение.
Од областа на јавната чистота направени се 35 контроли за што се составени 17 записници за констатација и донесени 15 решенија од кои 10 решенија за отстранување на поставена опрема или прибавување на решение од надлежниот орган на општината за вршење дејност пред деловен објект и изложена трговска стока, 5 решенија за отстранување на хаварисани возила од јавната површина, како и отстранување на смет, песок, шут и сл. По извршените контролни надзори донесени се 15 заклучоци за запирање на постапката.
Врз основа на Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Гевгелија направени се две контроли за што се донесени две решенија за отстранување на ситна и крупна стока и живина од урбаната средина. Според Законот за урбано зеленило, изготвени се 6 записници и донесени 5 решенија и 6 заклучоци за запирање на постапката.
Во областа на домувањето од страна на граѓаните биле поднесени 5 барања по кои е постапено за што се донесени 4 решенија за отстранување на утврдените неправилности.