Континуирани општински мерки за социјално-ранливите категории граѓани
Општина Гевгелија со повеќе активности, мерки и финансиска помош
во минатата година континуирано ги поддржа социјано-ранливите категории граѓани од општина Гевгелија Според Извештајот за реализација на Програмата за активностите на Општина Гевгелија во областа на социјалната заштита и заштита на децата за 2022 година, од Буџетот на Општина Гевгелија за социјално-ранливите категории граѓани биле издвоени 3.153.848 денари од вкупно проектираниот буџет во висина од 3.500.000 денари. Од кој најголемиот дел се за исплата на еднократна парична помош за 168 новороденчиња- 1.110.000 денари, еднократна парична помош на 133 жители на општина Гевгелија- 594.000 денари и обезбедување превоз на 11 лица со попреченост од општина Гевгелија кои го посетуваат Дневниот центар за лица со попреченост во Гевгелија. Покрај овие мерки, Општина Гевгелија издвои средства за субвенционирање на потрошувачката на вода за пиење на 25 корисника- 72.748 денари, стипендии на 5 студентки, запишани во прва година на Медицинските факултети во вкупен износ од 300.000 денари, како и за одбележување на велигденските и новогодишните празници и Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Преку минатогодишата Програма за активностите во областа на социјалната заштита и заштита на децата, Општина Гевгелија воведе нова, бесплатна услуга за превентивни активности, едукација и третирање проблеми во вербалната комуникација на деца, во ЈОУ Работнички универзитет „Кирил и Методија“- Гевгелија. Согласно податоците во Извештајот, оваа мерка ја користеле 42 дечиња од општина Гевгелија.