Во текот на 2022 година, изградена патна инфраструктура во должина од 15.000 м. квадратни
Во текот на 2022 година, во општина Гевгелија изградени и
реконструирани се улици во должина од скоро 15.000 метри квадратни, што значително придонесе за подоборување на патнатна инфраструктура на подрачјето на општина Гевгелија. За таа цел, беа вложени 18.459.605 денари. Имено, бетонирани и уредени се повеќе улици, тротоари и краци во: Миравци, Петрово, Давидово, Милетково, Смоквица, Гевгелија, Негорци, Моин и Богодородица, со што значително е обновена патната мрежа во овие населени места.
За одбележување е изградбата на сервисната улица, кај Мостот на Вардар до Милци. Со изградбата на оваа сообраќајница, обезбедена е нова сообраќајна врска на Гевгелија со граничниот премин „Богородица“. Во Урбан блок 10.2, во Гевгелија, изградена е улицата „Новопланирана 9“, која ги поврзува градежните парцели наменети за домување во станбени згради со улицата „7 Ноември“. Со изградбата на оваа улица, уредени се тротоари и рабници и извршено е целосно асфалтирање. На тој начин, значително се подобрени условите за сообраќај во северниот дел од градот. Во стопанската зона „Блокотехна“, изграден е и асфалтиран дел од улица, со што се обезбедени подобри услови за проток на сообраќајот и пристапот до индустриските објекти.
Покрај тоа, асфалтирани се улиците: „Јордан Марков“ во Давидово, влезната улица во Милетково и „Маршал Тито“ во Миравци. Во Гевгелија, целосно е реконструирана и асфалтирана улицата „Ристо Шуклев“ во централното градско подрачје, со што се подобрени условите не само за граѓаните кои живеат на оваа улица туку и за голем број сопственици на моторни возила и пешаци, кои секојдневно минуваат нив оваа улица. По целосниот ископ на стариот асфалт и надградувањето на шахтите, поставена е нова асфалтна подлога. Во 2022 година, заврши и доизградбата на преостанатите 800 метри од патот, од крстосницата на патот Гевгелија-Смрдлива Вода до Ума, со што по повеќе од една деценија, целосно е заокружена оваа сообраќајница. За изградбата на последната делница од патот за Ума, која чинеше 6.700.000 денари, Општина Гевгелија учествуваше со 1,5 милион денари сопствени средства.