Отворени пунктови за собирање материјални добра за помош на настраданите во Турција
Општина Гевгелија во соработка со ОО Црвен крст- Гевгелија
отвори пунктови на градскиот плоштад за донирање пакети со храна и хигиенски средства, како и останати потребни материјални средства за помош на настраданите во Турција. Општина Гевгелија и ОО Црвен крст- Гевгелија апелираат до граѓаните и правните субјекти од општина Гевгелија да се вклучат во хуманитарната акција, согласно приложената листа за помош на настраданото население, упатена од страна на Турската држава и Турската Црвена полумесечина. Првично, пунктовите ќе бидат отворени за прием на потребната помош две недели (работни денови), во периодот од 12:00 до 16:00 часот.
Пакетот со намирници треба да содржи: брашно тип 400 (500 гр.), шеќер (900 грама), масло за јадење (0,900 л.), ситна сол (1 кг.), ориз (900 гр.), грав (900 гр.), конзервирана сардина (110 гр.), готова конзервирана храна (900 гр.), макарони (500 гр.), филтер чај нане (20/1), а рокот на трањето на производите да биде минимум 6 месеци.
Пакетот со средства за хигиена треба да содржи: детергент за машинско перење (1 л.), шампон за миење коса (100 гр.), тоалетен сапун (100 гр.), тоалетна хартија (4/1 ролна), санитарни влошки (10/1), паста за заби (100 мл.), крема за бричење (60 мл.), бикчиња за бричење (5/1), средство за миење садови (0,5 л.), влажни марамчиња (72/1) и четки за миење заби (1). Рокот на траење на производите треба да биде минимум 6 месеци.
Од материјалните добра, можат да се донираат: зимски семејни шатори, ќебиња, греалки на струја/плин, церада (постилка за на земја), церада (зимска), вреќи за спиење, столици на расклопување (се претвора во кревет), креветчиња на расклопување, фенер на соларно напојување и кујнски сетови.