Дебата за родово-сензитивни процедури и практики при подготовка на општинските програми
Во рамки на проектот: „Женски леќи“, чиј имплементатор е
Рурална коалиција- Кичево, а во организација на подгрантистот РЦОР- Гевгелија, во Општина Гевгелија беше одржана јавна дебата на тема: „Улогата на граѓанскиот сектор во воведување родово-сензитивни процедури и практики при подготовка на општинските програми“. На дебата учествуваа: претставник на Рурална коалиција, претставници на РЦОР- Гевгелија, претставници на општинската администрација и Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Гевгелија, претставници на ЈУМЦСР- Гевгелија и претставници на невладиниот сектор.
Воведно обраќање имаше Лилјана Јоноски, претставник на проектниот партнер Рурална коалација, која сподели информации за проектот: „Низ женски леки“, финансиран од Европската Унија, чија цел, покрај покревањето политики и буџетски иницијативи, е и следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост, а имплементатори се проектните партнери „Ехо“ од Штип, Ромската асоцијација за жени и млади „Лулуди“ и Новинари за човекови права од Скопје.
Елизабета Сивова, претседателка на КЕМЖМ при СОГ, ја истакна улогата и работата на Комисијата, потенцирајќи дека потребна е не само едукација и обуки на членовите на Комисијата туку и на сите членови на Советот за успешно разбирање на воведувањето процес за родово- одговорно буџетирање и негово применување во сите активности што ги презема Општината.
Во рамки на мониторингот на Општина Гевгелија за реализација на Програмата за активностите во областа на еднаквите можности на жените и мажите за 2022 година, кој РЦОР- Гевгелија го спроведуваше како подгрантист на проектот, од страна на претставникот Бошко Софијанов беа споделени информации за реализацијата на Програмата, спроведените разговори со претседателката, членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на Општина Гевгелија и општинската администрација, како и резултатите од анкетата за идентификација на потребите и проблемите на жените во општина Гевгелија во рамки на области од општинската надлежност, а во насока на утврдување на приоритетите и потребите на жените и можните решенија и нивно дефинирање во Програмата за еднакви можности на Oпштина Гевгелија.
Покрај тоа, членот на интерсекторската група од Општина Гевгелија група за родово-одговорно креирање на локални политики и буџетирање, Петар Јанчев, пред присутните ја презентираше Програмата за активностите на Општина Гевгелија во областа на еднаквите можности на жените и мажите за 2023 година со буџет за реализација во висина од 250.000 денари, за чија подготовка беше спроведена обука за општинската администрација и членовите на КЕМ, со експертска поддршка од „Ехо“- Штип, добиена во рамки на проектот: „Низ женски леки“. Како и истакнати резултатите од посетите на останатите обуки за подготовка на родови-одговорни програми и извештаи. Така што, Општина Гевгелија веќе има воведено родова компонента и во Програмите за 2023 година за: финансирање на спортските активности, финансирање проекти и проекти од областа на културата, активностите од областа на социјалната заштита и работата на Локалниот младински совет. Како и подготвени Извештаи со родово-разделена статистика за реализација на активностите од Програмите во областите на ЕМЖМ и социјалната заштита и заштита на децата за 2022 година, кои беа усвоени од страна на Советот на Општина Гевгелија.
По излагањата, беше отворена дискусија, на која беа потенцирани семејното воспитание и едукацијата за родовата еднаквост уште во раната возраст, посебно за родово-базирано и семејно насилство, потребата од ресоцијализација на жртвите на родово-базирано и семејно насилство, охрабрување на девојките и жените да учат и аплицираат за секоја позиција за која сметаат дека се најдобри, а тоа да не биде заради квантитативно задоволување на одредени стандарди, туку спонтано преку едукацијата и еманципација на населението. Притоа, од страна на претседателот на Локалниот младински совет, Кристијан Алчинов, беше укажано на малобројниот процент на жените застапени во занаетчиството и претприемништвото, но и застапеноста во локалните тела, истакнувајќи го примерот со бројот на пријавени девојки за членство во Локалниот младински совет на Општина Гевгелија.