Обновена патна мрежа
За изградба и реконструкција на нови и постојните улици и локални патишта
во општина Гевгелија минатата година од општинскиот буџет беа издвоени 18.318.652 денари. Најголем дел од средствата - 6.756.065 денари беа наменети за обнова на асфалтот на 10 улици, со вкупна површина од 11.217 метри квадратни, во Гевгелија, Миравци и Богородица. Исто така, беа изградени нови улици со површина од 3.082 метри квадратни улична површина, во вредност од 4.851.578 денари. Покрај ова, беа бетонирани улици и тротоари на површина од 5.937 метри квадратни, а за што од општинскиот буџет беа издвоени 4.888.047 денари.
Паралелно со изградбата и реконструкцијата на локалната патна мрежа, беше извршена и обнова на регионалната патна мрежа. Со доделениот грант од 180 милиони денари Јавното претпријатие за државни патишта на РМ изврши целосна реконструкција на регионалните патни правци Миравци-Давидово и Прдејци-Смоквица. Исто така, започна и целосната реконструкција на патот Гевгелија-Негорци, во должина од 6,5 километри. Првата фаза на реконструкција и асфалтирање на овој регионален пат до старата управна зграда на поранешен ЗИК„Винојуг“ веќе е завршена. Со подобрувањето на временските прилики ќе продолжи реконструкцијата и на преостанатиот дел од патот Гевгелија-Негорци.