
Уредувањето на Динќут во завршна фаза

Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков денес го посети излетиштето Динќут
кај Гевгелија, каде што во завршна фаза се изведбените работи за уредување на овој иден спортско-рекреативен центар. На Динќут, познато гевгелиско излетиште, се уредени детски игралишта, фитнес зона, амфитеатар, карпа за искачување и детски играчки. Покрај ова, изградена е трим патека, летниковци, а поставена е и комплетна урбана опрема.
-Ова ќе биде навистина прекрасен простор за спортување и рекреација, не само на најмладите, туку и на повозрасните. Наша обврска е овој уреден простор да го користиме што повеќе и да го чуваме. Веднаш по поставувањето на сета предвидена опрема со проектот, ќе организираме поголема акција за чистење и хортикултурно уредување на целиот комплекс. Паралелно со тоа ќе пристапиме кон подготовките за содржинско искористување на можностите што ги нуди веќе уредениот спортско-рекреативен центар. По сѐ изгледа користењето на овие благодети ќе го направиме преку јавно-приватно партнерство, на општина Гевгелија и заинтересираните НВО и други деловни субјекти. Бидејќи наша крајна цел е Динќут да го користиме и што е уште поважно да го заштитуваме сите, рече градоначалникот Поцков.
Уредувањето на Динќут е дел од проектот „Афирмација на природните и културните вредности во пограничниот регион", за чија реализација на општина Гевгелија од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и беа одобрени ЕУ се доделени 169.692 евра. Овој проект општина Гевгелија го реализира во партнерство со Агенцијата за локален развој во Банско, Бугарија.