Во мај, 2023 година, „Калинка“ повторно ќе запее
По неколкугодишна пауза, во Гевгелија, од оваа година
се возобновува Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“, еден препознатлив гевгелиски музички бренд. По тој повод, на прес- конференција за организацијата и активностите околу одвивањето на Фестивалот зборуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, уметничкиот директор Александар Стојанов и директорката на Дом на култура „Македонија“, м-р Мирјана Крстева Массетти. Притоа, најавија дека на возобновениот Детски музички фестивал, во месец мај, во Народниот театар во Гевгелија, ќе продефилираат дваесеттина млади пеачи од земјата и странство.
- Со огромна чест и задоволство ја поддржав иницијативата, како и сите натамошни активности за возобновувањето на овој детски фестивал, бидејќи тоа не само што го бараа граѓаните на општина Гевгелија, туку и поради фактот што Гевгелија и „Калинка“ имаат богата традиција. Првиот фестивал се одржа во 1992 година и во текот на изминатите години испиша богата музичка историја со над 500 исполнети детски песни. „Калинка“ стана своевиден гевгелиски музички бренд, познат не само на домашната туку и на меѓународната јавност, истакна градоначалникот Андон Сарамандов, посакувајќи им на организаторите успешен фестивал и што поуспешна презентација на Општина Гевгелија преку вакви и слични културни настани. Имено, Советот на Општина Гевгелија, на предлог на Градоначалникот на општината, во рамките на Програмата за финансиска поддршка на културни проекти и манифестации во 2023 година, додели 500.000 денари за возобнување на Детскиот музички фестивал „Калинка“.
Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Стојанов, најави дека на аудицијата за „Калинка 2023“ се пријавиле 120 деца од 3 до 12 години, како солисти и членови на детскиот хор. На фестивалот ќе бидат изведени 20 новокомпонирани детски песни од гевгелиски автори, но и автори кои дале белег на фестивалот во минатото, како: Томислав Таневски, Кристијан Габровски, Нада Ристова, Ристо Самарџиев и други. Фестивалот ќе се одржи на 19 и 20 мај, а предвидена е и голема денска забава на плоштадот во Гевгелија , на 21 мај, со почеток од 12 часот.