Урнебесната комедија „Пациенти“ ќе биде изведена во Гевгелија
Актерите од ансамблот на Театар „Провокација“
уште еднаш ќе ги насмеат гевгеличани, но овојпат со нивната актерска игра во урнебесната комедија „Пациенти“. Во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, „Пациенти“ ќе биде изведена во Народниот театар- Гевгелија на 9 март, со почеток во 19:30 часот. Влезот чини 200 денари, а картите се пуштени во претпродажба од денеска и можат да се купат во Народниот театар- Гевгелија од 08:00 до 16:00 часот и пред самиот почеток на претставата.
- Во сценариото се зборува за односите во бракот, за тоа како изгледа заедничкото живеење на партнерите кои го негуваат егото наместо љубовта, во кое е присутна војната наместо спокојот. Ова се ситуации во кои ќе се препознаеме сите ние и нашите најблиски во моментите кога си дозволуваме да се разгорат оние „дебати“ во кои не ги бираме зборовите и средствата, само за да излеземe во право, во кои целиме што повеќе да повредиме бидејќи се чувствуваме повредено. Тој - хроничен алкохоличар, таа - хистерична аждаја. Не знаеш кој заради кого го сменил својот облик на битисување.
Ова е претстава која е огледало на ситуациите од нашите животи. Дополнителен квалитет е тоа што брачната актерска двојка, Мирјана и Роберт Ристов, несебично го внесува своето емпириско искуство, со цел огледалото да стане што појасно и пореално. Улогата на Доктор Доце му е доделена на младиот и талентиран актер Радо Алесовски, стои во краткиот осврт за претставата.
Режијата е на Ѓорѓи Ризески.