Зајакнување на капацитетите за квалитетно испорачување на услугите кон граѓаните
Општина Гевгелија е една од 10 општини од втората група
кои се избрани во наредните 18 месеци да бидат дел од Програмата: „Зајакнување на општинските совети“, која ја спроведува УНДП. Имено, Општина Гевгелија, заедно уште 9 општини од државата, беа избрани на Јавниот повик за вклучување во Програмата, која се фокусира на неколку компоненти за подобрување на капацитетите за транспарентно, одговорно и квалитетно испорачување на локалните услуги за граѓаните. Членовите на Советот на Општина Гевгелија ќе учествуваат на обуки за 11 теми, поврзани со јавен финансиски менаџмент, просторно и урбано планирање, добро управување и борба против корупција, меѓуопштинска соработка, родова рамноправност, животна средина и справување со кризи на локално ниво.
Преку Програмата, десетте општини ќе имаат можност да искористат грант во висина од 30.000 до 50.000 долари за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните преку Форуми во заедницата. Овие проекти, во кои со кофинансирање ќе учествуваат и општините, се со цел да се подобри квалитетот на живот во локалната заедница. Исто така, секоја општина ќе добие финансиска поддршка во висина од 10.000 до 12.000 долари, наменети за воведување дигитални алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работата на општинските совети.
„Зајакнување на општинските совети - фаза 2“ е Програма со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.