Одржана Првата трка од Македонскиот мотокрос шампионат во Гевгелија
Мотокрос-патеката „Милци“ во Гевгелија, викендов,
беше центар на спортскиот настан- Првата трка од Македонскиот мотокрос шампионат, кој го организираше Мотоциклистичката федерација на Македонија и Мотокрос клуб Гевгелија. На трката, покрај моторџиите од државата, учествуваа и натпреварувачи од соседите држави, Република Србија и Република Грција. Трките беа организирани во 8 класи и тоа: МХ 50, МХ65, МХ85, МХ2 јуниор, МХ2, МХ сениори, МХ и МХ1.
Од гевгелискиот Мотокрос клуб, успех остварија: Огнен Тодоров, кој го зазеде првото место во Класата МХ2 јуниори, Димитар Маџунков со освоено 1 место во Класата МХ и Саше Трајков, кој го зазеде третото место во Класата МХ1. Од вкупно 53 натпреварувачи, медал за најдобар пласман добија 21 натпреварувач.
Организаторите го истакнаа своето задоволство од одржувањето на трката, како од бројот на натпреварувачи, така и од посетеноста од публиката, најавувајќи дека наредната трка од Мотокрос шампионатот ќе се одржи на 14 мај, на патеката „Орман“ во Скопје.
Првата трка од Македонскиот мотокрос шампионат, која се одржа на патеката „Милци“ во Гевгелија, е поддржана од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање на спортските активности за 2023 година, за која активност Мотокрос клуб Гевгелија аплицираше на годинашниот Јавен конкурс. Покрај финансиската поддршка, од Општина Гевгелија беше обезбедена и организациона поддршка.