Општина Гевгелија ќе формира Мултисекторски тим за ефикасна заштита на жените и девојчињата од секаков вид насилство
Денеска, во соработка помеѓу
Едукативно-хуманитарната организација - ЕХО од Штип и Општина Гевгелија, во Општина Гевгелија беше одржана правна сесија на тема: „Како до бесплатна правна помош во случаи на семејно насилство и насилство врз жени“. Имено, претставници од ЕХО- Штип, Елизабета Пеева, Благица Киров и Нетка Ковачева, во рамки на проектот: „Зајакнување на правните услуги за жени и девојки изложени на насилство во Jугоисточниот и Пелагонискиот Регион“, финансиран од Европската Унија и Шведска, пред присутните претставници на општинската администрација, претставници на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на Општина Гевгелија, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија, МВР Гевгелија, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија и претставници на невладиниот сектор излагаа за можностите за подигање на свеста, инфомирање и правно едуцирање на жените и заинтересираните граѓани за правото и законските можности кои ги нуди бесплатната правна помош за жените и девојчињата изложени на родово базирано и семејно насилство.
Исто така, на оваа сесија, покрај нејзината примарна цел, збор стана и за формирањето мултисекторски тим на заедницата за ефикасна заштита на жени и девојки од секаков вид насилство. Истиот ќе работи на јакнење на капацитетите на давателите на општите и специјализирани услуги за жени и девојки изложени на насилство, вклучувајќи го и семејното насилство, за практикување интегративен мултисекторски пристап при обезбедувањето услуги согласно меѓународните стандарди и националното законодавство. За таа цел, институциите надлежни за родова еднаквост и постапување при семејно и родово базирано насилство ќе номинираат претставници кои ќе пристапат на локалниот мултисекторски тим, а ќе работат со ЕХО- Штип за воспоставување и примена на модел на интегративен мултисекторски пристап до пакетот неопходни услуги за жени и девојки изложени на насилство. Со тоа, всушност, Општина Гевгелија ќе реализира уште една активност од Програмата за активностите во областа на еднаквите можности помеѓу жените и мажите за 2023 година.