ЈИПР: Реализиран 51 проект според потребите на граѓаните
Југоисточниот Плански Регион, согласно својата визија,
да стане економски динамичен и конкурентен регион, препознатлив по атрактивната туристичка понуда, земјоделските производи и храна, грижа за животната средина, социјалната сигурност и квалитетното живеење во урбаните и руралните средини, во текот на 2022 година на регионално ниво беше реализиран вкупно 51 проект од Програмата за развој, и тоа во најголем број - 29 проекти, во стратешката цел за осовременување на инфраструктурата во ЈИПР.
Со цел да го слушне мислењето на граѓаните од различни категории, Центарот за развој на ЈИПР веќе неколку години по ред организира Регионални форуми на заедницата како алатка за идентификување и приоритизирање на регионални проекти. Во 2022 година започна со имплементацијата на 3 проекти кои произлегоа од одржаниот форумски процес.
При образложувањето на Извештајот, кој се најде на последната 26. седница на Советот на Општина Гевгелија, директорот на Центарот за развој на ЈИПР, Ѓоко Камчев, се осврна на реализацијата на активностите за 2022 година кои преку ЈИПР се преземени и се однесуваат на Општина Гевгелија.
- Минатата година, преку ЈИПР е реализирана изградбата на дел од пат од село Хума, финансиран од Бирото за регионален развој, по успешно спроведена апликација изработена прво од Општина Гевгелија, а потоа од Центарот за развој. Исто така, донесени се Урбанистичките планови и предадени на Општина Гевгелија за село Милетково, село Моин и село Давидово. Во рамки на работата на Центарот за развој и Проектот за поддршка на социјално претприемништво, вредно е да се спомене дека компанијата „Еко лајф“ од Гевгелија, којашто работи на создавање одговорно, квалитетно, чисто и економско исплатливо општество преку изработка на еко-плочки за надворешна употреба, има сертифициран производ, кој може да се користи за поплочување тротоари, дворови и сл. За таа цел, од страна на Бизнис-центарот кој работи во рамките на Центарот за развој на ЈИПР, „Еко лајф“- беше препознаена како компанија која има успешна приказна, а за која се подготви професионално промотивно видео за услугите кои тие ги нудат.
Општина Гевгелија беше вклучена и во Проектот за прекугранична соработка во справување со шумски пожари со Бугарија, преку кој на ТППЕ- Гевгелија и беа обезбедни 27 одела за пожарникарите и опрема која се состои од црева, пумпи, моторна пила, напртњачи итн. Исто така, преку Проектот за прекугранична соработка со Грција за рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи- еФИДАР, во моментот при крај е распишаниот тендер за противпожарни возила и до крајот на мај-јуни, ТППЕ- Гевгелија ќе добие ново теренско возило во вредност од над 105.000 евра. Во 2022 година, се аплицираше и за реконструкција на Домот на културата во Моин, за кој проект е во тек тендерската постапка, истакна Камчев.