Одржана 26. седница на Советот на Општина Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија, на својата 26. седница,
покрај донесувањето Одлука за зголемување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година и усвојувањето на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за извештајниот период (кумулативно) од 1.1. до 31.3.2023 година, расправаше и одлучуваше и по други предложени акти во рамки на неговата надлежност. Имено, Советот на Општина Гевгелија го усвои Годишниот извештај за спроведување на Програмата за развој на Југоистичниот Плански Регион.
Исто така, беа усвоени и Измените и дополнувањата на Финансовите планови за 2023 година по ставки и потставки за конкретни сметки на основните училишта, средното училиште и ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија. Од областа на урбанизмот, беше донесена Одлука за донесување Урбанистички проект со план за парцелација и промена на граници за мултинаменски стопански комплекс на потегот Гевгелија- граничен премин „Богородица“, со намена хотелски комплекс и Одлуката за донесување конечен Предлог-План за измена и дополнување на дел од Урбанистички план за село Богородица (плански период 2022-2023), а беше прифатена и Иницијативата за изработка на Урбанистички проект вон опфат на Урбанистички план со намена Површински соларни и фотоволтаични електрани на земјиште во Богородица.
Советот на Општина Гевгелија ги донесе Програмите за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести во општина Гевгелија и Програмата за работа на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во општина Гевгелија за 2023 година, а го утврди и максималниот износ на вредност на бодот за пресметување на платите на давателите на јавни услуги и директорот во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, како и висината на бодот за пресметување на плата на административните службеници за 2023 година. Како последна точка за оваа седница, беа советничките прашања, на кои одговараше градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.