СОУ „Јосиф Јосифовски“ меѓу шесте добитници на грант од Регионалниот фонд за предизвици
Регионалниот фонд за предизвици (RCF) додели грант
од 2,27 милиони евра на шест најуспешни проекти од Македонија, меѓу кои и на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија за инвестиции во опрема, инфраструкура и спроведување на дуално образование или кооперативна обука во установи за стручно образование и обука. На Вториот повик на RCF биле поднесени 123 апликации од Западен Балкан, од кои 23 од Македонија. Одборот за селекција за шест најуспешни проекти од нашата земја ги избра и прогласи проектите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, СОУ „Гоце Делчев“ од Валандово, СЕТУГС „Михајло Пупин“ од Скопје, Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршки факултет и Машинскиот факултет од Скопје, (Универзитет Св. „Кирил и Методиј“), како и на Општинското средно техничко училиште „Гостивар“.
Доделувањето на наградите се одржа во просториите на Стопанската комора во Скопје, во присуство на претставниците од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (ЗБ6-КИФ), германската амбасада, Германската развојна банка KfW, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Министерството за образование и наука, Регионалниот фонд за предизвици и наградените конзорциуми од Северна Македонија. По доделувањето на грантот, директорката на СОУ „Јосиф Јосифовски“, Марија Танева, изјави:
- Преку поддршка на Регионалниот фонд за предизвици, во нашето училиште значително ќе се подобри квалитетот на практичната настава и наставните програми во стручното образование. За нас овој проект е многу значаен, бидејќи преку осовременување на кабинетите и зголемениот обем на часови по практична настава во компаниите-наши партнери, учениците својата пракса ќе ја реализираат во реални услови, ќе развијат разни вештини, кои во иднина ќе им овозможат да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Клучните инвестиции планирани со овој проект во нашето училиште се уредување на економско-еколошки одржлив тренинг центар, со најдобра автомобилска опрема за реализација на практичната настава од Машинската струка, опремување канцеларии со компјутери и софтвери за потребите на учениците од Економската струка, воведување хасап-систем и опрема во кабинетите по готварство и послужување од Угостителско-туристичката струка.