Системот за е-данок придонесе за зголемување на наплатата
Општина Гевгелија се наоѓа меѓу 15 општини во земјата
со зголемена ефикасност на наплата на даноците. Ова беше констатирано на вчерашната презентација на резултатите од Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите „Партнерство за поефикасни општини“. На презентацијата, присуствуваше и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, на кого од страна на УСАИД му беше врачен Сертификат за успешно спроведените активности. Имено, Општина Гевгелија, покрај зголемената буџетска наплата на приходи, има остварено добри резултати во однос на ажурирањето на податоците за наплата на даночните приходи.
Општина Гевгелија во 2022 година оствари зголемена наплата на приходи од сопствени извори за над 18% и зголемена наплата на данокот на имот за 20,42%. Реализацијата на Основниот буџет во 2022 година, во значително отежнати услови, е повеќе од успешна, се наведува во резултатите на Проектот на УСАИД за зајакнување на ресурсите. Подобрен е и индексот на активна транспарентност на Општина Гевгелија во 2022 година, 92,9 од можни 100%, и високи 11 индексни поени за буџетска транспарентност за 2021/2022 година.
Општина Гевгелија, во рамки на Проектот, го стави во функција новиот систем „Е-ДАНОК“ за електронска наплата на сите даночни обврски, кое придонесе за подобрување на услугите кон граѓаните, поедноставување на начинот на плаќање, но и приближување на Општина Гевгелија кон светските трендови во работењето со платежните картички и новите начини и канали на плаќања. На даночните обврзници во Општина Гевгелија веќе им е овозможено, по претходна најава, бесплатно да ги користат електронските услуги за проверка на доспеаниот локален данок на имот, на комунална такса за фирма, како и електронско плаќање на доспеаните локални даноци и комунални такси. Преку едукативната кампања „Мој данок за мојата општина“, истовремено е зголемен и капацитетот на Општината за ажурирање на базата на податоци за данок на имот.