Покриен одводниот канал во Кованец
Во населеното место Кованец, по барање на граѓаните,
решен е долгогодишниот проблем, кој претставуваше опасност за целото населено место. Затворен е одводниот канал кој минува низ центарот на Кованец и е во близина на училиштето. Од страна на екипите на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија беа изведени градежни активности за поставување на одводна цевка (Ф800), со дополнителни елементи за поврзување и затворање на каналот. Исто така, по барање на Месната заедница на Кованец, неодамна беше затворена дивата депонија близу населеното место, која претставуваше закана за животната средина.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, при увидот на изведбените работи за затворање на одводниот канал во Кованец, потенцираше дека отворениот канал долго време претставуваше опасност за најмладите, но и повозрасните жители на ова населено место. Од друга страна, со затворањето на дивата депонија се создаваат услови за заштита на животната средина, но истовремено и на потпланинските населени места, како Кованец, кои претставуваат природни еколошки средини. На средбата со граѓаните во Кованец, градоначалникот Сарамандов истакна дека негов приоритет е решавањето на ваквите секојдневни долгогодишни проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Притоа, нагласи дека Општина Гевгелија ќе продолжи да работи посветено и да излегува во пресрет на барањата на граѓаните со рационални решенија, создавајќи услови за подобар живот.