Претставени Стратегијата и Прирачникот за интегритет на Општина Гевгелија
Во Гевгелија, се одржа работилница за потребата од градење
систем за борба против корупцијата, со која беше заокружена втората фаза од проектот: „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“. Во работата на работилницата, учествуваа: претставници од локалната самоуправа, државни институции, нелвадиниот сектор и од граѓански здруженија. Општина Гевгелија е дел од втората фаза на овој проект, инициран од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“. Целта на проектот е намалување на можностите за корупција во Општините преку детектирање на ризиците, намалување на можностите за грешки во работењето на Општините, како и зголемување на довербата на граѓаните во локалната самоуправа.
Отворајќи ја трибината, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изрази посебна благодарност до д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, за нивната заложба за реализација на овој значаен проект.
„Со добивањето на мандатот за извршување на функцијата Градоначалник на општина Гевгелија се соочив со многу предизвици при извршување на секојдневните обврски. Во таквите услови за работа беше потребно да се носат брзи и ефикасни одлуки на дневна основа, но и да се креираат акти коишто ја одредуваат иднината на Општина Гевгелија на краток, среден и долг период. Од таа причина се наметна потребата за креирање на овој документ, кој денеска го презентиравме, а има за цел да придонесе во секојдневното функционирање на системот во локалната самоуправа“, истакна Сарамандов.
Експертите од Правен факултет „Јустинијан Први“, Александар Спасеновски и Константин Битраков ги претставија резултатите и препораките, кои произлегоа од изготвените Студија и Прирачник за интегритет на Општина Гевгелија. Притоа, нагласија дека искуството покажува дека транспарентноста, отвореноста и искрениот пристап кон работата можат да бидат основи за градење на европски општини со интегритет. Во рамките на проектот, беа изработени Студија за интегритет, која претставува анализа во која е претставено функционирањето на единицата на локалната самоуправа од аспект на нејзините клучни надлежности, водењето на управни постапки и односи со странки, регрутирањето кадри и управувањето со човечки ресурси, јавните набавки и управувањето со средствата, како и други поважни надлежности. Додека, во Прирачникот за интегритет се предвидуваат мерки за неутрализирање на секој од детектирани ризиците во Студијата, како и серија на мерки и активности за подобрување на работата на оваа единица на локалната самоуправа во секоја од опфатените области.