СОУ „Јосиф Јосифовски“ и Гевгелија добија современ угостителски објект
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
во рамки на вчерашната дисеминација на проектот „Трендови во автомобилската индустрија“ преку Еразмус+ Програмата, којашто се одржа во новоуредената угостителска сала, заедно со директорката на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Марија Танева, изврши увид во новоопремениот угостителскиот објект на Училиштето. Изминатиот период, за комплетната функционалност на угостителската сала, кујна и кабинети беа набавени опрема и инвентар, во вредност од 2.161.739 денари. Претходно, во периодот 2009-2017 година беше реконструирана салата и обезбедена со опрема за готварство, со заштеда на средствата од блок-дотации.
Новиот угостителски објект во СОУ „Јосиф Јосифовски“ располага со два кабинети- еден по готварство, кујна и кабинет по послужување, т.е. угостителската сала. Со неговото целосно уредување и опремување, Гевгелија доби уште еден модерен угостителски објект со капацитет за 150 луѓе. Но, со првенствена цел - обезбедени се најсовремени услови за стекнување знаења и вештини и изведување на практична настава на учениците од угостителско-туристичката струка. Се разбира, и простор за одржување на сите активности предвидени со Програмата за работа на Училиштето, како и одбележување на настани и прослави, организирање слободни ученички активности, одржувања семинари и сл.
Инаку, настанот за дисеминација на проектот: „Трендови во автомобилската индустрија“ се одржа по враќањето на 14. ученици од машинската струка, кои преку Еразмус- програмата престојуваа во повеќе градови во Германија заедно со нивните професори, каде што ги посетија тамошните сервиси за моторни возила и имаа можност да се запознаат со нови знаења, вештини и искуства. Притоа, овој настан беше збогатен и со културно-уметничка програма, кои можеа да ја проследат онлајн и сите претставници, партнери и соработници вкучени во Проектот.