Се намалува возрасната граница на корисници на дрога
Од 2020 година, досега, во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа
во Гевгелија се заведени 12 зависници од дрога и други психотропни супстанци, на возраст од 30 до 55 години. Имено, толку лица ја користеле социјалната услуга третман и рехабилитација во терапевската заедница „Покров“- Струмица, како лиценциран давател на услугата. Од вкупната бројка, 10 зависници се од психотропни сустапци и 2 зависници од алкохолот, додека од нив 50% се сторители на семејно насилство. Сите тие се упатуваат на задолжително лекување во ЈЗУ Психијатриска болница- Негорци, стои во Извештајот на ЈУМЦСР- Гевгелија, по кој расправаше Советот на Општина Гевгелија на својата 27. седница.
Според сознанијата со кои располага ЈУМЦСР- Гевгелија, возрасната граница на зависниците се намалува, така што се случува уште од 11. година младите да ги имаат првите контакти со дрога. Ваквата појава на млади корисници на дрога и други психотропни супстанци во општина Гевгелија е загрижувачка. Но, не е помалку и зголемениот процент на малолетници кои користат алкохол на ноќните забави. За тоа, секако, придонесува и угостителската практика за резервација на маса во ноќните клубови со задолжителен алкохолен пијалок.
Советот на Општина Гевгелија констатира дека состојбата и прикажаните податоци за бројот на зависници не се реални. Особено, ако се има предвид фактот на кој укажа ЈУМЦСР- Гевгелија дека не секоја употреба на дрога е злоупотреба, бидејќи има многу млади кои ја користат рекреативно, а не се евидентирани. Тоа е уште една потврда за загрижувачката состојба и индикатор, кои налагаат зајакнување на мултисекторската соработка помеѓу надлежните институции за спречување и сузбивање на оваа негативна појава, особено, меѓу младите.