Библиотекарството е врата за комуникација со читателите
Во новиот број на „Гевгелиски магазин“, директорот на
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, Стефан Марковски, ги најавува активностите за развој и унапредување на библиотечната дејност. Во неговиот одговор на прашањaта за предизвикот да се биде директор на Градската библиотека имајќи го предвид фактот дека е реномиран писател и неговата визија за библиотекарството, ќе истакне:
- Библиотечната и издавачката дејност, во чии води, исто така, имам прилика да „пливам“ преку ангажманите во списанието „Современост“ и ревијата „Стожер“ во издание на Друштвото на писателите на Македонија, остваруваат континуиран и важен допир, а литературата е самата суштина, сврзно ткиво, дух и изворна причина на која се должи нивното постоење. Во таа смисла, моето вклучување во библиотечната дејност е и природна последица на учеството во литературата, кое се состои не само од пишување туку и сеопфатна анализа и евалуација на убавиот збор, кој извира на домашно тло, редактирање, следење и поттикнување, а библиотекарскиот занает нуди одлична можност токму за последните два типа, мошне важни активности. Паралелно со ова, библиотекарството е и врата за комуникација со крајните консументи на естетските, дидактичките, научните, образовните и сите други аспекти на книжевните дела - читателите.
- Библиотекарството во 21. век е динамична дејност со бројни предизвици по себе, а како еден од главните приоритети во своето работење во оваа дејност е да се фати чекор со технолошкиот развој и, како резултат на тоа - да се излезе во пресрет на барањата нашите членови, преку обезбедување на разновидна, интересна, предизвикувачка литература која ќе ги задоволи потребите на граѓаните на општина Гевгелија. Во оваа прилика, со особено задоволство го најавувам отворањето на нашиот официјален веб-сајт bibliotekagevgelija.com.mk, каде граѓаните ќе имаат можност да ги следат нашите активности, како и да најдат одредени информации што им се најпотребни. Цврсто верувам во претстојни успеси на библиотечно-информацискиот систем Cobiss, кој е важна е-алатка за севкупното унапредување на библиотечното работење. Преку проектот: „Дигитална библиотека“, ќе биде ставен фокус врз сето она што го конституира Роднокрајниот оддел, односно до крајот на мојот мандат на веб-сајтот ќе бидат објавени дела од автори од различни генерации со гевгелиско потекло, односно значајни литературни, историски, монографски и други видови книжевни дела кои се однесуваат на Гевгелија и гевгелискиот крај. Промовирањето на значајни автори за македонската литература пред гевгеличани, исто така, претставува важна активност на Библиотеката, во паралела со поттикнувањето на литературното творештво на гевгелиските автори од различни генерации преку книжевни конкурси, како и преку натамошното продолжување на веќе јубилејното 10-годишно издание на „Метрички карван“, истакнува Марковски.