Градоначалникот Сарамандов оствари средба со д-р Клаус Рихтер, тим-лидерот на Проектот: „ЕУ за општините“
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
оствари работна средба со тим-лидерот на Проектот: „ЕУ за општините“, д-р Клаус Рихтер и претставници од Одделението за локален екононски развој и невладините организации од подрачјето на Општина Гевгелија. На средбата, стана збор за вклучување на Општина Гевгелија во активностите на Проектот: „ЕУ за општините“, финансиран од Европската Унија и презентирани можностите за меѓусебна соработка помеѓу Општина Гевгелија и општините и градовите од земјите членки на локално ниво.
Од страна на градоначалникот Сарамандов беше истакната поддршката и промоцијата на проектите кои се финансирани преку Европската Унија и кои имаат значителен придонес во развојот на општина Гевгелија. Притоа, ја нагласи и целта на локалната самоуправа - подготвеност, отвореност и спроведување на ЕУ практики и можности за градење партнерства со општини од Европската Унија, за реализација на програмски проекти и активности од корист на граѓаните. Имено, EU4M ги поддржува општините преку грантови за подобрување на локалната јавна инфраструктура, во обезбедувањето подобар квалитет на јавните услуги и спроведување на стратешките планови, истовремено градејќи ги капацитетите за управување со фондовите на ЕУ.
Д-р Клаус Рихтер ја нагласи подготвеноста на ЕУ, во рамките на проектот, за унапредување на соработката со Општина Гевгелија. Притоа, упати покана до градоначалникот Сарамандов за студиско патување во Германија, со цел размена на искуства на нивните општини со ваков тип соработка меѓу општините и мали и средни претпријатија во областа на туризмот.