Започнува аплицирањето за доделување субвенции за набавка на велосипеди
Од денеска (17 јули 2023 година), започнува
аплицирањето за добивање субвенции за набавка на велосипеди, согласно донесената Одлука на Советот на Општина Гевгелија на 28. седница. Право на аплицирање имаат граѓаните на општина Гевгелија, кои купиле велосипед во периодот од 1 април се до потрошувањето на средствата во висина од 500.000 денари од Општинскиот буџет за 2023 година предвидени за оваа намена, освен вработените во општинската администрација и членовите на нивните семејства, како и лицата кои минатата година добиле субвенции за велосипед.
Аплицирањето за субвенции за набавка на велосипеди ќе се врши во зградата на Општина Гевгелија (Сала за одржување седници, прв кат), секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. За добивање субвенции за набавка на велосипед е потребна следнава документација:
- копија од важечка лична карта или патна исправа,
- копија од трансакциска сметка,
- изјава за давање согласност за користење лични податоци,
- потврда од Општина Гевгелија дека е платен данокот за имот за станбениот објект во кој живее,
- доказ (фискална сметка) дека велосипедот е купен од трговци кои дејноста ја обавуваат на подрачјето на општина Гевгелија.
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледани по редослед според датумот и времето на пристигнување, односно според принципот „прв дојден, прв услужен“.