Позитивно решени 5.390 барања за утврдување правен статус на бесправно- изградени објекти
На последната 29. седница, пред Советот на Општина Гевгелија
се најде Информација за состојбата со постапување по барањата за утврдување правен статус на бесправно- изградени објекти во општина Гевгелија за периодот 4 март 2011 година - 30 јуни 2023 година. Според приложената информација, во Одделението за урбанизам, архитектура, градежништво и заштита на животна средина, заклучно со 2018 година, биле доставени 5.842 барања од граѓани за утврдување правен статус на бесправно- изградени објекти.
Согласно објавените Правилници за стандарди за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко- планската документација, како и објавените Правилници за формата и содржината на Записникот за извршен увид, формата и содржината на урбанистичката согласност и формата и содржината на Решението за утврдување на правен статус на бесправен објект објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“, од страна на Одделението за урбанизам, архитектура, градежништво и заштита на животната средина се пристапило кон разгледување и решавање на овие барања. Од вкупно поднесените 5842 барања за утврдување правен статус на бесправно- изградени објкети, 5.390 се позитивно решени, а 452 барања се во постапка на решавање. Законскиот рок за постапувања по барањата е до 3 март 2026 година.