Свечено предаден во употреба реконструираниот Младински дом во Богородица
Богородица доби модерен објект за одржување
јавни, младински и културни настани. По целосната реконструкција и уредување на просториите и дворот, Младинскиот дом „Мите Танов- Коми“ во Богородица беше свечено предаден во употреба. На настанот по повод успешната реализација на Проектот на Општина Гевгелија, присуствуваа голем број гости, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, проследувајќи ја културно-уметничката програма.
- Граѓаните на Богородица добија еден прекрасен и модерен објект за одржување на јавни, младински и културни настани. Со тоа е реализирано уште едно нивно барање, имајќи ја предвид важноста на објектот како место каде културно ќе расте Богородица. Но, и еден стар објект од минатото ќе биде заштитен. Како Градоначалник на општина Гевгелија, на мештаните и културно уметничките друштва им посакувам да создаваат успешни приказни за идните генерации во овој прекрасен објект. Продолжуваме со работа за остварување на ветеното и реализација на проекти од значење за граѓаните, истакна во своето обраќање на свеченоста во Богородица градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
За реализацијата на Проектот, чија вкупна вредност изнесува 10.224.234 денари, Општина Гевгелија издвои 2.044.847 денари од општинскиот буџет, а преостанатите средства се обезбедени од Бирото за регионален развој. Имено, по успешната апликација на Јавниот повик за финансирање проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој, развој на подрачјата со специфични развојни потреби и развој на селата, на Општина Гевгелија и беше доделен грант за реконструкција на младинските домови.