За два месеци локализирани 33 пожари
Во првите два месеци од 2019 година припадниците на
Територијалната противпожарна единица од Гевгелија имале 33 интервенции за гаснење на пожари на териториите на општините Гевгелија, Богданци и Дојран. Од ТППЕ Гевгелија објаснуваат дека најмногу или 16 пати, учествувале во гаснење на пожари што се појавиле во станбени, деловни и угостителски објекти. Овие пожари според командирот на ТППЕ-Гевгелија Раде Котевски биле предизвикани од неисчистени оџаци, застарени инсталации и неисправни електрични постојки.
Во споменатиов период, пожарникарите од Гевгелија локализирале 14 пожари на отворено, од кои дури 12 се појавиле на необработено земјиште обраснато со сува трева, растенија и трски и по еден пожар на овоштарник и лозов насад. Три интервенции биле регистрирани при гаснење на пожар предизвикан во контејнери на градските улици кои најчесто се палат при фрлање недогорена пепел од печките на дрва од страна на несовесни граѓани. Од пожарите е предизвикана значителна материјална штета,три лица се здобиле со изгореници,а едно лице починало.