Глигор Гелебешев со солистички концерт го честита 7 Ноември
Со изведба на класична музика за пијано,
гевгеличанецот Глигор Гелебешев го честиташе општинскиот празник 7 ноември во рамки на културно-уметничките чествувања за 7 Ноември. Пред своите гевгеличани, Гелебешев настапи со дела за изведба на пијано од: Mоцарт („Фантазија кв 397“), Бетовен („Соната оп 13“, Пачетина, „Граве, алегро кон брио“, „Адаџо кантабиле“, „Рондо“), Шопен ( „Ноктурно оп. бр.2“, „Валцер оп. 70 бр. 1“, „Валцер оп. 64 цисмол“, „Полонеза оп. 53, Херојска“), Дебиси („Месечева светлина“) и Рахмањинов („Прелудиум оп. 2, бр. 3“, „Прелудиум 23, бр. 5“ и „Музички момент оп 16, бр. 4“). Солистичкиот концерт беше организиран од ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во соработка со хотел „Аполонија“.
Глигор Гелебешев (1969), своето музичко образование го започнува во родната Гевгелија во класата на проф. Љубица Улишева, а подоцна основното и средно музичко образование го завршува во Скопје. Студира на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира 1997 на ФМУ во Скопје. За време на своето школување,добитник е на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари и учесник на голем број концерти, како и мастеркласи на еминентни професори и пијанисти од странство. По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист ,но и како камерен музичар, соработувајќи со голем број истакнати музички уметници. Во 2001 година, го формира пијано дуото со својата сопруга Катерина Гелебешева Костадиновска, со која настапува во земјава и странство, имаат издадено две ЦД-а, настап со Македонската филхармонија, како и остварено голем број трајни снимки за Македонската радио телевизија. Во 2021 година, го издава својот прв соло носач на звук со дела на Ф. Шопен, С. Рахмањинов и сопствени дела. Освен на домашна сцена (речиси во сите градови во РСМ и на најзначајните фестивали, бележи и настапи во странство. Како педагог, бележи голем број успеси со свои ученици на домашни и меѓународни натпревари и заради својата успешна работа како професор по пијано,честопати е поканет да биде член во жири, во земјава и странство. Глигор Гелебешев веќе 30 години работи во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ во Скопје.