Утврдени приоритетните проектни идеи за заштита на животната средина
Општина Гевгелија успешно ја реализира првата форумска сесија
од предвидените 5, во рамките на Проектот: „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, којашто се одржа во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Проектот е финансиран од Швајцарската влада - Швајцарската агенција за соработка и развој, а го имплементира и кофинансира Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во соработка со Министерството за локална самоуправа.
На првата Форумска сесија, граѓаните беа запознати со форумскиот процес, беше утврдена структурата на Форумот, се избра тема за работа на форумот, се утврдија проблеми и понудија решенија од граѓаните.
На почетокот на форумската сесија, пред присутните се обрати заменик-градоначалникот и член на Советот на Општина Гевгелија, Сашко Стојилковски, кој го презентираше Проектот, во којшто е вклучена и Општина Гевгелија.
Од страна на Катарина Карајанова, координатор на проектот, пред присутните беа презентирани 3 предлог-теми, од коишто учесниците избраа една, на којашто продолжи да работи Форумот. Понудените теми беа: Социјална инклузија, Енергетска ефикасност и Животна средина. По пат на гласање, учесниците утврдија дека приоритетна тема на којашто ќе работи Форумот понатаму, е Животна средина.
Низ форумската дискусија, се разговараше за триесетина проблеми во областа на животната средина и за повеќе решенија за истите. На Форумот, граѓаните како најважни решенија за општина Гевгелија и подготовка на концепти ги предложи:
- Изградба на велосипедска и пешачка патека- адаптирани и за лицата со попреченост,
- Уредување на паркот и реконструкција на објектот во Смрдлива Вода и негова адаптација за користење и од лицата со попреченост,
- Изградба на спортско-рекреативен парк и рехабилитација на веќе постоечките со содржини за лицата со попреченост, деца и возрасни,
- Селекција и рециклирање на отпад и
- Собирен центар за употреблив отпад од домаќинствата.
Формираните работни групи од учесниците ќе изработат концепти и ќе ги промовираат на втората Форумска сесија. Форумот на располагање има проектен грант во висина од 40.000 до 50.000 американски долари, а може да ги искористи за најмалку еден, а најмногу 3 проекти. Во реализацијата на проектите, Општина Гевгелија ќе обезбеди сопствено учество во висина од најмалку 20% од сумата, којашто ќе и биде доделена во форма на проектен грант.