„Тe dua, жими мене“ ќе се прикажува и во Гевгелија
Независниот комедичен филм „Te dua, жими мене“
ќе биде прикажан и во Гевгелија, на 13 декември 2023 година, во Народниот театар, со почеток во 19:00 часот. Од денеска, за проследување на филмот, билетите се пуштени во продажба по цена од 150 денари, а можат да се купат секој работен ден во просториите на Народниот театар, од 08:00 до 16:00 часот или на самиот ден пред почетокот на прикажувањето.
„Te dua, жими мене“ е комедија којашто граничи со сатира и раскажува приказна за тројца другари кои стануваат дел од криумчарење на дрога, трудејќи се да ја вратат купената жена од Албанија назад. Филмот е во режија на Марјан Гавриловски, а сценариото го потпишува Никола Кузелов. Позади оригиналната музика стои Валентин Видовиќ, а зад камерата Александар Карпузовски.
Главните ликови ги толкуваат: Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Ангела Стојановска и Валентин Видовиќ, а играат и: Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Мими Таневска, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Рујиш Беговска, Мирсад Абази, Талија Настова, Елдин Широки, Исмаил Касуми, Надица Петрова, Сара Спиркоска, Ангела Димитрова и Флакрон Алиу.