Со посветеност и ангажираност, Гевгелија да ја развиваме како европска општина
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
по повод навршувањето две години од градоначалничкиот мандат, даде отчет пред граѓаните за реализираните проекти во општина Гевгелија. Во преполнетата сала на Народниот театар во Гевгелија, под слоганот „Вложуваме повеќе, добиваме повеќе!“, го презентираше сработеното во својот двегодишен мандат. Посебно задржувајќи се на реализираните проекти и активности, со коишто значително се подобрени развојот и условите за живот на граѓаните на општина Гевгелија.
- На почетокот на мојот мандат, се соочивме со доста предизвици и проблеми, пред се, како резултат на енергетската криза - во 2021 година, во ЈПКД „Комуналец“, сметката за струја за 12 месеци беше 16 милиони и 300 илјади денари, а во 2022 година изнесуваше 41 милион денари. Слична беше ситуацијата и во локалната самоуправа, со уличното осветлување, но и со другите институции, коишто се во надлежност на Општината. Овие проблеми ни наложија уште на почетокот, за краток временски период, да најдеме конкретни мерки и решенија коишто ќе овозможат нормално да функционираат и локалната самоуправа и јавните институции, коишто се во нејзина надлежност, рече на почетокот градоначалникот Сарамандов, посочувајќи дека се изработени квалитетни проекти со коишто веќе локалната самоуправа аплицира или ќе аплицира на јавните повици на домашните и меѓународните агенции и фондации.
На тој начин, се обезбедува основа за подобрување на квалитетот на услугите и квалитетот на живеење во градот и во населените места. Градоначалникот рече дека настојува и да ги спроведе програмските активности со коишто ја стекна довербата кај неговите сограѓани.
- Ми претставува огромно задоволство што реализиравме повеќе капитални проекти од комуналната и патната инфраструктура. На целото подрачје на општина Гевгелија, овие проекти се од суштествено значење за граѓаните од нашата општина. Дел од нив беа во мојата Програма за локалните избори 2021 година, а дел произлегоа како нови барања на граѓаните од нашата општина. Многу проекти се реализираа од областа на труд и социјална политика, од образованието, културата, спортот, а изработивме и туристичка платформа за афирмација на нашиот град. Во овие две години, покрај реализираните проекти, исто така, акцент се стави и на вклучување на децата во спортските и културните секции. И, тоа е се со цел да се придонесе за нивната подобра социјализација, рече Сарамандов.
- Гевгелија, благодарам за поддршката! Нема поубаво чувство од тоа да застанам пред моите сограѓани и да го споделам транспарентно она што сработивме овие две години, проектите што се реализираа и надминувањето на предизвиците и проблемите со коишто се соочивме. Благодарност до сите граѓани на општина Гевгелија што ми давате неизмерна поддршка овие две години! Нашата мотивираност и напорна работа и успешната соработка со јавните институции, Советот на Општина Гевгелија и општинската администрација придонесе за остварување високи резултати во секој сегмент во нашата Гевгелија, со реализација и финиширање на повеќе проекти од патната и комуналната инфраструктура на целото подрачје на општина Гевгелија. Но, и преку решавање на повеќе барања и проблеми иницирани од самите граѓани, порача Сарамандов и ги посочи наредните активности:
- Во периодот што следи, рече на крајот Сарамандов, продолжуваме по истиот пат, да ги финишираме започнатите активности, да започнеме со реализација на нови проекти и да ја афирмираме Гевгелија и општината како значајна туристичка дестинација. На тој начин, се обезбедува основа за подобрување на квалитетот на услугите и квалитетот на живеење во градот и во населените места. Истовремено, како локална самоуправа имаме обврска да обезбедиме услови и да привлечеме нови инвестициони вложувања. Во изминатиот период, покажавме дека можеме да се справиме со предизвиците и во соработка со граѓаните, и со наша целосна мотивираност и ангажираност да направиме Гевгелија забрзано да се развива. Се обврзувам дека ќе продолжиме да работиме посветено, Гевгелија мора да се развива во урбана заедница по примерот на европските општини, истакна во своето обраќање пред граѓаните, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по двегодишното извршување на градоначалничкиот мандат.