Новогодишна честитка на градоначалникот Андон Сарамандов
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
по повод Новата 2024 година, се обрати до граѓаните на општина Гевгелија со новогодишна честитка, во којашто се осврна на постигнатите резултати во 2023 година и очекувањата во Новата 2024 година.
- Во годината зад нас, 2023, успеавме во нашата заложба континуирано да ги подобриме условите за пристојно живеење на граѓаните од општина Гевгелија. Исклучително сум задоволен како функционираше локалната самоуправа во 2023 година. Бевме успешни во поглед на реализираните проекти, коишто се од суштествено значење за граѓаните од нашата општина. Година, во којашто успешно се справивме со предизвиците и новонастанатите проблеми, година во којашто имавме висока реализација на буџетот, година во којашто Општина Гевгелија беше избрана за најтранспарентна општина во Македонија, нагласи Сарамандов. Беа изработени повеќе квалитетни проекти, со коишто учествувавме на домашните и меѓународните фондови и остваривме висок процент на реализација. 2023 година ја одбележаа повеќе спортски и културни настани. Гевгелија полека се брендира како град со богата културна и спортска програма преку целата година.
Во 2023 година, ја продолживме добрата соработка со граѓаните и граѓанските организации и со целосна мотивираност и ангажираност Гевгелија се развива во урбана заедница. Мои гевгеличани, во Новата 2024 година, Ви посакувам повеќе среќа, здравје и благосостојба. Посакувам Новата година да ни донесе успех на сите нас. Ви посакувам празничните денови со најблиските да ги поминете во добро здравје и убаво расположение, со мир, заемно почитување и разбирање да го прославиме Христовото раѓање- Божик. Нека ни е честита Новата 2024 година и честит Божик!, истакна во Новогодишната честитка градоначалникот Андон Сарамандов.