Уличното осветлување редовно се одржува и проширува
Гевгелија и населените места се добро покриени
со мрежата на уличното осветлување, која редовно се одржува и постојано се проширува. Во текот на 2018 година за проширување на мрежата на уличното осветлување од општинскиот буџет беа вложени 542.349 денари, бидејќи пред истекот на годината заврши тендерот за нови линии на улично осветлување. Покрај ова, минатата година беше извршено кабловско поврзување на новата трафостаница за напојување на новиот Водоснабдителен систем и бунарите во Мрзенска ада. Целиот зафат чинеше 1.882.517 денари, кои беа обезбедени од општинскиот буџет.
Во општина Гевгелија редовно се врши и оддржување на мрежата на улично осветлување и санирање на појавените дефекти. Така, само во месец февруари 2019 година извршено е сервисирање на 149 сијалични места во општината. Притоа, значително е подобрено уличното осветлување во населеното место Негорци, каде што се поставени нови сијалични места. Паралелно со ова во февруари годинава поставен е кабел во должина од 519 метри за проширување на мрежата на улично осветлување. Со овој зафат се обезбедени услови за поставување на нови 26 сијалични места.