Поенергични мерки за предизвикувачите на пожарите на отворено
Во првите две недели од месец март
ТППЕ-Гевгелија имала 19 интервенции поради појавените пожари. Најголемиот број од регистрираните пожари биле на отворено, главно, на земјоделски површини и на обработливо земјиште – 15, додека другите интервенци биле на запален контејнер, автомобил, објект и депонија. Најчеста причина за пожарите на отворено е масовното палење на стрништата од страна на земјоделци и сопственици на ниви, кои не водат сметка за опасноста од проширување на огнот. Се разбира, и штетите што ги предизвикуваат. Така, при последниот пожар на банкините на патот Гевгелија-Богданци изгорени се крајпатните сообраќајни столбчиња.
Оттука и апелот на ТППЕ-Гевгелија и барањето за поенергична акција на надлежните органи за санкционирање на предизвикувачите на пожари на отворено. Бидејќи за неполни три месеци во општина Гевгелија и соседните општини Богданци и Дојран биле регистрирани 70 пожари наспроти 160 регистрирани и локализирани во текот на минатата година. За надминување на ваквата состојба, особено, кога предизвикувачите на поголемиот број пожари се познати, во текот на наредната седница ќе биде организиран заеднички состанок на Дирекцијата за заштита и спасување, Полициската станица-Гевгелија и ТППЕ-Гевгелија.