Заеднички информационен систем за итни здравствени случаеви во пограничниот регион
Во рамки на проектот “Унифициран информационен систем
за размена на информации помеѓу здравствени единици во пограничното подрачје за итни здравствени случаи - HEALTH INFO”, вчера во Гевгелија беше одржан вториот проектен состанок. На состанокот присуствуваа имплементаторите на проектот вклучени во HEALTH INFO проектот, од грчка страна, Национална организација за обезбедување здравствени услуги од Грција, Технолошки образовен институт Александар од Солун (АТЕИТ) - Катедра за акушерство, Општа болница Пела - болничка единица на Едеса, а од македонска страна - Министерство за здравство - Република Северна Македонија, ЈЗУ Општа болница Гевгелија и ЈЗУ Клиничка болница Битола.
Целта на состанокот беше да се направи преглед на поставените и реализираните цели во досегашниот тек на проектот и да се увидат сите препреки и потешкотии во остварувањето на истите, како и утврдување на целите и задачите кои треба да се извршат во периодот кој следува со цел проектот успешно да се имплементира во целост. Во однос на тоа беше договорено во текот на месец мај и јуни да се одржат т.н. “Инфо Денови” за проектот преку кои пошироката јавност ќе се запознае со активностите и резултатите кои треба да се постигнат со истиот.
ЈЗУ Општа болница во рамки на проектот ќе набави Ултразвучна машина за ехо дијагностика која заедно со постоечкиот Мамограф во болницата ќе имаат главна улога во извршувањето на бесплатните прегледи. Имено, во рамки на проектот ќе се овозможат бесплатни прегледи за жени од општините Гевгелија, Богданци и Дојран со цел да се дејствува превентивно во однос на рак на дојка и рак на матка.
Исто така во рамки на HEALTH INFO проектот ќе се поднови и ЈЗУ Клиничка болница - Битола која ќе набави Мамограф кој ќе остане во сопственост на болницата и по завршувањето на истиот.